Европското знаменце ѝ отвори пат на „Бехтел и Енка“ за градење – ВМРО-ДПМНЕ најави ревидирање на постапката

Собранието ги донесе измените и дополнувањата на петте закони поврзани со реализација на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Со 60 гласа „за“ и 43 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со 62 гласа „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација.

Вкупно 63 пратеници гласаа „за“ и 43 „против“ за Законот за изменување и дополнување на Законот за градење. Потоа, со 62 „за“ и 44 „против“ беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, а со 63 „за“ и 43 „против“ Законот за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, сите по скратена постапка.

Advertisements

Претходно Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка посочи дека неговата пратеничка група ќе гласа против законите за реализација на автопатите за коридорите 8 и 10д, за како што рече, да остане забележано и нотирано во историјата дека најголемиот проект на оваа Влада „е покриен и целосно исполнет со основани сомненија за злоупотреба и можен криминал од невидени размери со народни пари“.

Тој најави и дека сите овие постапки и процедури за носење на овие закони и договори ќе бидат внимателно анализирани, ревидирани и процесуирани до адекватните институции по промената на власта во Македонија.