Државната изборна комисија (ДИК) преку ждребка го утврди редоследот на кандидати на гласачкото ливче за претседателските избори.
Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ ќе биде прв на гласачкото ливче, а кандидатката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова ќе биде на второ место. Стевчо Јакимовски како кандидат на ГРОМ е на третата позиција на гласачкото ливче, Бујар Османи од ДУИ број четири, Билјана Ванковска како кандидат на Левица петта, шести на гласачкото ливче ќе бидеАрбен Таравари од коалицијата Вреди.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски како кандидат на ЗНАМ е на седмата позиција.
На претседателските избори кои ќе се одржат на 24-ти април, гласачкото ливче за првпат ќе биде најдолго со седум кандидати кои влегуваат во трката за нов шеф на државата. Вториот круг ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.
Во дијаспората ќе бидат спроведени само претседателски избори, бидејќи не беа пријавени доволно иселеници за да се исполни условот од 5355 гласачи за да се одржат и парламентарните.
Претседателот на Комисијата Александар Даштевски уверува дека изборните процеси се одвиваат согласно роковите, а Комисијата е подготвена за деновите на гласање.
Увидот во избирачкиот список за претседателските избори е завршен и ќе биде заклучен на 2-ри април..
Кампањата за избор на претседател почнува на 4 април.