Македонското министерство за надворешни работи формираше кризен штаб кој ќе има надлежност да ги извлече македонските државјани од Блискиот исток, ако има потреба од тоа.
До оваа одлука доаѓа по синоќешниот ирански напад врз Израел со 300 беспилотни летала и проектили. При нападот нема жртви, а Израел соопшти дека со помош на сојузниците успеале 99 отсто од проектилите да ги пресретнат.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека извлекувањето на македонските граѓани ќе зависи од работата на аеродромот во Тел Авив, кој утринава беше повторно отворен. Втората возможна рута е преку Јордан. Османи додаде дека во Израел има од 40 до 50 наши државјани меѓу кои и семејства на дипломатски персонал во Тел Авив.
„За жал предупредувањата за ескалација на состојбата на Блискиот исток се остварија, секое насилство е за осуда без разлика дали е од Израел, Иран, или Хамас. Ги осудуваме сите дејствија, како што ги осудивме претходните и како што ќе ги осудиме следните одмазднички напади кои се најавени“, изјави Османи.
Тој на вонредната прес конференција истакна дека е потребно да се потсети дека во тешка ситутација се наоѓа и цивилното население во Газа за кое одговорност сноси и Израел.
„Заедно со војната во Украина, нова регионална криза на Блискиот исток може да влијае врз меѓународниот мир и стабилноста“, изјави Османи.
Тема на прес конференцијата беше активностите и предизвиците во рамки на претседавањето со Процесот на соработка во Југоисточна Европа.