Со месечна плата од само 1.500 евра, заменик министерот за внатрешни работи на Македонија, Назим Буши, спие во хотел во Турција каде ноќевање чини 20.000 евра, објави албанскиот портал „Ора њуз“ .
Порталот објави и видео на кое, како што тврди порталот, заменик министер за внатрешни работи, Назим Буши престојува во претседателскиот апартман на „Парк Босфор хотел“ во Истанбул.
„Скандалите на владини членови ги преминуваат границите. Кој му ја платил сметката за претседателскиот хотел во Истанбул, а на видеото се гледа и неговиот син во друштво на две девојки“, пишува „Ора њуз“.
Од кабинетот на заменик министерот Буши од каде што ги демантираа објавените информации на албанскиот портал „Ора њуз“ велат дека станува збор за приватно патување во Истанбул на заменик министерот Назим Буши реализирано есента 2020 година во медицински цели за член на семејството, во врска со интервенција закажана неколку месеци пред назначувањето на Буши како заменик министер.
Лицата за време на престојот биле гости на пријател на семејството кој се погрижил околу нивното сместување, се наведува во демантот.
Функционерот во Турција патувал во октомври 2020 година, а стана заменик министер на 23 септември истата година.