Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на Фејсбук објави дека затвореникот кој избега од затворот во Шуто Оризари, за што тој денеска имал прес конференција му ставал лајкови на социјалната мрежа Фејсбук.
Станува збор за осуденикот Нафи Абдиовски кој избега од затворот „Скопје“ пред десетина дена.
„ Па има ли поголем срам за државата!? Човекот за кого денеска држев прес- конференција дека избегал од затвор, ми става “ЛАЈК” на статуси, од слобода и во бегство! Сокол одма оставка! Оливер одма оставка! Ужас!“, пишува Стоилковски кој објави и принтскрин и побара оставки од директорот на затворот Филип Андов и од министерот Оливер Спасовски.
„Па, адни го за френд, ваков манга ретко мајка раѓа!“, на шега му сугерираат фејсбук пријателите на Стоилковски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција реагираше затоа што сè уште ги нема вистинските одговори и одговорност за, како што рече, крвавото бегство од „Идризово“, а се случува нов скандал, ново бегство, а со истите режисери.
„Повеќе од 10 дена во бегство од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е осудениот затвореник Нафи Абдиовски. За појаснување, осуден на 8 месеци за сторено кривично дело измама врз основа на досието, Секторот за ресоцијализација му одредил третман со група Б, односно да биде преместен во полуслободно одделение“, рече на денешната прес-конференција Стоилковски.