(ГАЛЕРИЈА) Армиски специјалци и кучиња трагачи од Македонија во урнатините во Турција бараат преживеани

Попладнево, на предлог на Министерството за одбрана, Владата донесе одлука за испраќање уште на 36 припадници на АРМ, односно на Баталјонот за специјални операции, кои ќе учествуваат во хуманитарната операција во Турција по катастрофалниот земјотрес.

На седницата на Владата е одлучено како помош за санирање на последиците од земјотресот да бидат испратени и 32 лица од Дирекцијата за заштита и спасување – припадници на републичките сили за заштита и спасување.

Во разурнатите реони веќе има припадници на АРМ. Како што претходно објавија од Министерството за одбрана, станува збор за 22 припадници на Баталјонот за специјални сили, во чиј тим се и две кучиња обучени за трагање, како и двајца водачи.

Advertisements

„Армиските припадници на теренот ја искажуваат својата одлучност и обученост професионално да ја извршат задачата и да го употребат целиот свој максимум во пронаоѓање на настраданите и на секој можен начин да помогнат на граѓаните на сојузничка Туркије. Надеж дека во текот на пребарувањето ќе се спасат човечки живот каде секој момент е драгоцен, даваат и службени кучиња од расата белгиски овчар и лабрадор, кои заедно со инструкторите се обучени токму за пронаоѓање лица во елементарни непогоди“, пишува на официјалната страница на АРМ на Фејсбук каде што се објавени и фотографии од теренот.