„Го осудуваме коментарот за Силјановска Давкова, не поддржувам говор на омраза“ – Кузеска по митингот во Куманово

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска која сега ја води кампањата на кандидатот за претседател, Стево Пендаровски по жестоките реакции во јавноста поттикнати од срамниот коментар на митинг во Куманово за професорката и кандидатка за претседателка на државата Гордана Силјановска Давкова на социјалните мрежи излезе со став дека таа и Пендаровски не го поддржуваат коментарот и дека остро го осудува говорот на омраза кон жените.

„Почитувани пријатели кои ме познавате и кои не ме познавате. По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатот за   претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај.Коментарот е недоличен, навредлив и го осудувам. Ниту претседателот Пендаровски ниту јас не го поддржуваме коментарот“, вели Кузеска.