Почина Гоце Камчев, основач на „Кам маркети“ и еден од најуспешните менаџери во Македонија

По кратко боледување денеска почина Гоце Камчев, еден од најуспешните бизнисмени и менаџери во Македонија, основач и претседател на познатиот малопродажен синџир „КАМ Маркети“, соопшти корпорацијата „Камчев груп“.

Гоце Камчев е роден на 28 април 1945 година во Скопје и потекнува од работничко семејство. Уште од средното училиште се насочува кон економијата, а потоа образованието го продолжува и на Економскиот факултет во Скопје. Подоцна завршува и постдипломски студии од областа на економскиот развој.

Камчев е основач на повеќе компании во областа на трговијата, производство, земјоделство, угостителство и недвижности. Компаниите што ги изгради, кои се дел од „Камчев груп“ во моментов вработуваат повеќе од 1.800 лица и придонесуваат за развојот на целокупното општество. „КАМ“ веќе трета година е меѓу најголемите 10 компании во земјава.

Advertisements

Гоце Камчев беше еден од најуспешните визионери и менаџери во нашата земја и остави зад себе компанија која е меѓу најуспешните во регионот. Целото искуство, знаење и вештини, стекнати во текот на школувањето и работата со познати компании од земјата и од странство, несебично ги пренесуваше и споделуваше со вработените, кои го препознаваа како голем учител, неуморен пренесувач на знаења. Истовремено беше насочен и кон раст и развој и на нашата држава, а успешна Македонија беше една од неговите цели“ – се вели во соопштението на „Камчев груп“.

Семејството и пријателите ќе се збогуваат од Гоце Камчев в недела 5 февруари 2023 година. Неговите посмртни останки ќе бидат изложени во капела во 12 часот, додека погребот ќе се одржи во 14 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.