Воената алијанса денеска објави дека поранешната македонска министерка за одбрана Радмила Шекеринска ќе стане нов заменик генерален секретар на НАТО.
– Среќен сум што можам да го објавам именувањето на Радмила Шекеринска за следен заменик генерален секретар. Таа вистински верува во НАТО, знае каква работа е потребна за приклучување во НАТО и што значи да се биде полноправна членка. Со нетрпение очекувам да работам со неа штом ја презема оваа витална улога, наведе генералниот секретар на НАТО Марк Руте во соопштението објавено на веб страницата на Алијансата.
Шекеринска на социјалната платформа Х напиша дека ќе и биде привилегија да служи како заменик генерален секретар на НАТО под раководството наРуте.
– Ќе ми биде привилегија да служам како заменик генерален секретар на НАТО под раководството на Руте. Посветена сум на работата со сите сојузници кон уште посилна и побезбедна Алијанса, напиша Шекеринска.
Советот на амбасадори го поздрави изборот на Радмила Шекеринска и велат дека нејзината функција во НАТО е голем успех и за државата.
„Поставувањето на личност од нашата земја на ваква висока позиција во НАТО-алијансата, во толку комплексен момент во нејзината историја, кога Европа се соочува со голема закана по нејзината безбдност претставува признание за Македонија, како точка која може да претставува место за отпуштање на затегнаст, пример за заемна почит на разлики и негување на европски вредности, но и пример за проактивност и донесување одлуки во клучни моменти со позитивни резултати“, велат од Советот на амбасадори.
Честитки до Шекеринска упати американската амбасадорка Ангела Агелер, која на социјалните мрежи истакна дека назначувањето на Шекеринска на оваа позиција е вистински доказ за нејзината експертиза и искуство. И бугарскиот претседател Румен Радев и честиташе на Шекеринска порачувајќи дека очекува нејзиното назначување да придонесе кон зајакнувањето на колективната безбедност и сигурност на Алијансата. Честитка упати и албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Игли Хасани, кој во својата објава на социјалните мрежи напиша дека посакува соработка во зајакнувањето на заедничката посветеност на мирот и стабилноста.
Со ова назначување, Шекеринска стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската Унија.
Таа беше министерка за одбрана од 2017 до 2022 година и одигра важна улога во процесот на пристапување на земјава во НАТО во 2020 година.
Министерството за одбрана беше нејзината последна функција во Владата предводена од СДСМ. Шекеринска сега е потпретседател на Партијата на европските социјалисти. Таа се повлече од македонската политичка сцена, во декември 2021 година, откако СДСМ ги изгуби локалните избори.
Шекеринска треба да ја преземе функцијата заменик генерален секретар на НАТО до крајот на годинава.