Ѓорчев: Македонија се празни, минатото полугодие во странство заминале 4.000 ученици

„Македонија се празни, секое село, секој град, Скопје се празни доаѓаме до една ужасна бројка дека само во изминатото полугодие од Македонија си заминале 4000 деца, 4000 ученици се отпишале“, рече на денешната прес-конференција Владимир Ѓорчев, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потсети дека пред три дена објавиле податок дека само во Прилеп, Куманово, Тетово, Штип и Кочани, 700 деца се отпишале од нивните училишта за да заминат во странство, притоа нагласувајќи дека вкупната бројка на иселени македонски граѓани за едно полугодие изнесува од 15.000 до 20.000 граѓани.

„Тоа е пораз на владата, тоа се катастрофални бројки. Сите тие 4000 деца имаат 4000 мајки, 4000 татковци, дека има деца кои што се отпишале од градинка, дека има отселени луѓе кои што имаат по 20 години а не засновале семејство доаѓаме до една фрапантна бројка дека во времето на Таче Ковачевски и Стево Пендаровски изминатото полугодие од Македонија си заминале околу 15.000 и 20.000 луѓе, давајќи бројка за иселени во текот на 2022 година од 30.000 до 40.000 луѓе, кои што се млади, кои што се силата на оваа држава кои што се виталност. Еден цел градски стадион полн со луѓе ни се има иселено од Македонија за една година со оваа влада на неразбрани трговци, со овој претседател Пендаровски кој со прст не мрда додека државата се распаѓа, додека Македонија пропаѓа и економски, и демографски и државно“, рече Ѓорчев.

Advertisements

Ѓорчев нагласи дека вакво ислеување од државата досега немало, притоа како една од причините посочува кон политиките на извршната власт.

„Значи од Македонија секогаш имало заминување, печалбарство, луѓе кои си оделе но ваков егзодус, вакво празнење на Македонија никогаш, никогаш немало. Ниту еден окупатор, ниту еден душман не ја набркал, не ја раселил Македонија, не ја проретчил Македонија како оваа влада на неразбрани трговци Димитар Ковачевски Таче и Стево Пендаровски. Тоа е катастрофата во која живееме. Мораме да најдеме сила да ги поразиме овие политики. Македонија, мора, мора да најде сили да направи сериозна промена да направи дисконтинуитет да има нова гарнитура која ќе може да спасува што може да се спасува од оваа држава. Затоа што со ваквите политики, со оваа катастрофа и со оваа нивна индиферентност ќе остане буквално пустелија“, рече Ѓорчев.

Тој оцени дека за поради вакви демографски движења потребно е свикување на Советот за безбедност од страна на претседателот Стево Пендаровски.