Професорката Гордана Силјановска Давкова, кандидатка за претседателка на Македонија вечерва им се заблагодари на сите граѓани кои и ја дадоа довербата, но и на сите други, како што рече во своето обраќање, откако извојува огромна предност од над 130.000 гласови пред кандидатот Стево Пендаровски.
Горда сум на граѓаните. Не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите. Особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Горда сум на мојот тим, постојано беше со мене, ме бодреше, ме критикуваше, ме советуваше. Горда сум на учесниците во изборната трка.
„Сите знаеме дека изборниот процес е најстраствениот процес, но сепак, во дебатата, во изјавите, мислам дека не го пречекоривме лимитот на пристојноста. Горда сум посебно на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Се создаде една невидена синергија. Посебно сум горда на жените во Македонија, без оглед на било каква припадност. Мислам дека е време за идентификација на жена со жена, без оглед на која партија и идеологија припаѓа. Многу се радувам што деновиве среќавам жени од други партии кои ми велат дека доаѓа нашето време. Нема да градиме матријархат, но ќе покажеме дека имаме во себе знаење, ум, енергија, креација и дека е редно ова општество да го искористи сето тоа“, рече Силјановска Давкова.
Овој резултат е неверојатно инспиративен за мене, додаде Силјановска.
„Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, на пати се срамам, зарем е можно толку многу луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна. Само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин, од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот. Јас ќе се однесувам со должна почит кон оној со кој што се натпреварувам, треба да ги инспирираме граѓаните да ги увериме дека вреди да се учествува на изборите. Без граѓани нема Македонија. Јас не ги делам граѓаните, јас знам дека претседател на држава мора да биде надпартиска личност, да слуша, да докажува, да инспирира, да го исполнува она што го ветила. Знаењето е вистинската моќ.
Постојано повикував на владеење на правото, но уште повеќе на единство во оваа држава. Запомнете, јас ќе соработувам со партијата што ме предложи, со премиерот, со министрите, но ќе соработувам и со опозицијата, со невладиниот сектор, со медиумите. Ве уверувам дека ќе се обидам дека секој ден и секому да покажам и докажам дека сум таму заради Македонија. Сакам да бидат на мене горди, бидејќи јас ќе го докажувам тоа. Македонија не може да биде само моја, туку на сите вас“, изјави Силјановска Давкова на прес-конференцијата вечерва.