Поранешната министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, излезе од затворот „Идризово“ по три години и еден месец.
Излегувањето од затвор е условно, по одлука донесена од Апелацискиот суд на 12-ти октомври минатиот месец.
При донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид повеќе фактори – Јанкулоска е мајка на петгодишно дете, кое било лишено од мајчинска грижа и воспитување, ги почитувала правата и обврските кои произлегуваат од куќниот ред на затворот, се вклопила во домската средина во која имала максимално пријателски односи со останатите осудени лица и не манифестирала насилни и конфликтни однесувања.
Јанкулоска, беше упатена во КПУ – Идризово, за издржување на казната затвор од четири години како осудена во предметот „Тенк”, во септември 2020 година, откако таа ги исцрпи сите правни средства за одложување на издржување на казната затвор за предметот „Тенк”.