Град Скопје: Семафорот ќе си го плати камионџијата што го уништи

Во врска со денешниот немил настан што се случи на булеварот „Александар Македонски“ во Скопје, при кој камион со скопски регистарски таблички удри во семафор, а едно лице учесник во сообраќајот беше повредено, ја информираме јавноста дека надлежните служби веднаш излегоа на терен и работат на санација на настанатата штета и на нормализирање на сообраќајот, информираат од Град Скопје.

Екипите се ангажирани на отстранување на оштетената сообраќајна сигнализација и на враќање на локацијата во првобитна состојба, со цел што побрзо да се воспостави безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

Ја информираме јавноста дека трошоците за санација и повторно поставување на сообраќајната сигнализација ќе бидат фактурирани на товар на причинителот на штетата, согласно важечките прописи.

Advertisements

Министерството за внатрешни работи е на терен, а увидот за утврдување на околностите под кои се случил настанот е во тек.

Воедно апелираме до возачите за трпение и внимателно движење додека целосно не се расчисти коловозот и сообраќајот не се нормализира, стои во објавата на Град Скопје.