Европските банки, Европската унија и домашните институции вклучени во проектот пречистителна станица за отпадни води се загрижени дека Град Скопје и ЈП „Водовод и канализација“ не ја поддржуваат имплементацијата на овој капитален проект.
Ова стои во записникот од последниот состанок одржан меѓу сите инволвирани страни во проектот на 11 мај, на кој не дошле претставнии на Градот. На овој состанок е заклучено и дека иако парите се обезбедени, првата рата не може да легне на сметката зашто Град Скопје не ги завршил потребните административни работи, пишува СДК.
Според СДК претставници од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Делегацијата на ЕУ, Министерството за финансии, Министерството за животна средина, Секретаријатот за европски прашања, членовите на проектната единици за спроведување на проектот и претставници на „Водовод и канализација“ одржуваат редовни месечни состаноци за спроведувањето на проектот.
На тие состаноци досега немало само претставници на Град Скопје иако имаат обврска да присуствуваат.
Последниот состанок се одржал на 11 мај и на него било искажано незадоволство од ангажманот на Градот и „Водовод и канализација“ за спроведување на проектот. Според записникот во кој увид имал порталот СДК, прво било посочено дека анексот на договорот со фирмата изведувач подготвен од проектната единица и одобрен од Европската инвестициска банка, сè уште не е потпишан од директорот на „Водовод“ Драган Илиевски.

