Градските советници немаат срце за нашите миленици – расправаа за прлето и магарето и се потсмеваа!

Советот на Град Скопје НЕ ја прифати Иницијативата за миленици во јавниот превоз во Скопје. Само 8 од присутните 24 советници во салата за седници на Советот денес гласаа ЗА, објави на својата фејсбук страна иницијаторот на овој преубав предлог „Зелен хуман град“.

Во продолжение реакцијата на здружената иницијатива на 23 организации со два претставника во Совет на Град Скопје „Зелен хуман град“ интегрално:

„Иако иницијативата беше целосно во склад со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а нашите советници ги изнесоа сите аргументи зошто е неопходно да се усвои предлогот, тоа не беше доволно ни за советниците да влезат во салата – што кажува колку во суштина тие се заинтересирани за ова прашање!

До денес на платформата за директна демократија #МојГрад оваа иницијатива доби 1.670 гласа ЗА и само 31 глас против. Ова јасно ја отсликува потребата на нашите сограѓани да им се дозволи да ги внесат своите миленици затворени во транспортер во јавниот превоз.

Advertisements

Ве повикуваме сите да ги контактирате вашите претставници – членови на Советот на Град Скопје и да побарате од нив да ја поддржат иницијативата со што ќе се создадат услови да ја поднесеме повторно и да ја поставиме како точка на дневен ред за конечно да биде усвоена.

Несериозноста на останатите советници дури се сведе на потсмев и отворање „дилеми“ дали мали магариња се сметаат за домашни миленици и дали тие може да се возат со автобус.

Спуштањето на нивото на дискусијата беше очигледен обид да се спречи усвојување на иницијативата и да се дефокусира од нејзината благородна цел – да ја запре дискриминацијата на голем број наши сограѓани кои не може да си дозволат да користат такси и кои немаат приватно возило за да ги превезат своите миленици до ветеринар или за какви било потреби“, се вели во реакцијата на „Зелен хуман град“