Граѓаните на протест за случајот „Онкологија“ бараат истрага и за Филипче и за поранешниот директор Васев

Ако до 1 ноември нема никаква институционална разврска за случајот „Онкологија“, ќе се бара поддршка од меѓународната заедница за јавно објавување на сите детали од случајот, побараа на протест пред Владата граѓаните кои протестираат поради наводите дека на Клиниката за онкологија се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.

Граѓаните на денешниот протест побараа истрага за инволвираноста во случајот на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и ексдиректорот на Клиниката, Нино Васев, целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија, како и проширување на истрагата за работата на Детска онкологија.

Даријан Петров, театарски актер порача дека ако  до 1 ноември не се одговори на ултиматумите на организаторите на овој протест, заедно здружени уметници, новинари, невладини организации и граѓански здруженија ќе побараат и меѓународна поддршка за овие протести и обелоденување на сите сознанија од Онкологија.

Advertisements

Како и претходните три, и денешниот протест се одржа под мотото „Правда за жртвите“, а овој пат наместо пред Јавното обвинителство, протестниот марш заврши пред Министерството за здравство.

Фото: ТВ Телма