АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) најави продолжување на грејната сезона до крајот на месецов, ако прогнозите на Управата за ходрометеоролошки работи (УХМР) покажат дека средната температура на воздухот е еднаква или пониска од 12 Целзиусови степени.
Грејната сезона официјално заврши пред два дена, на 15 април, но од ЕСМ најавуваат нејзино продолжување најдоцна до 30 април.
„ЕСМ-Енергетика продолжува со снабдување со топлинска енергија и покрај официјалното завршување на грејната сезона. Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од страна на РКЕ, снабдување може да се врши и по 15 април, кога прогнозираната средна температура е пониска од 12 степени, но не и по 30 април“велат од ЕСМ.
Во периодот што следи, ЕСМ најавува и дека ќе врши порамнување на сметките за мај, јуни и јули согласно испорачаната количина на топлинска енергија во текот на грејната сезона, односно, како што велат оттаму, ќе се врши порамнување меѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија.
„Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и, секако, од количината испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови“додаваат од ЕСМ.