Првиот вицепремиер Артан Груби денеска на конференцијата „Бехтел и Енка – можности, предизвици и одговорности“ рече дека во неколку наврати се сретнал со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Јас исто така се сретнав и со Владо Мисајловски, поранешен министер за транспорт и врски, со Александар Николовски во врска со специјалниот закон и другите законски измени. Сите се согласија дека проектот е добар и велеа дека имаат нивни предлози, но никогаш не ни ги доставија. Им понудив да бидат дел од проектот да бидат дел од управувачкиот комитет. Мицкоски ми рече и тоа цитирам – „терајте си ја работата, ваш проект е. Ние доволно дадовме поддршка и ајде да одиме на предвремени избори“, изјави Груби.
Според него, Мицкоски дал недвосмислена поддршка за специјалниот закон со тоа што направија кворум на седницата и не гласаа против законот.
Склучениот договор со конзоциумот „Бехтел и Енка“, додаде Груби, не е државна тајна, но содржи доверливи информации и клаузули поради кој не може да се објави, затоа што се однесуваат на технологии кои договорената страна ќе ги користи при изведбата, што за секоја фирма е деловна тајна.