Поранешниот премиер и поранешен партиски лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, реагира на обвинувањата од неговиот наследник во партијата Христијан Мицкоски дека има тајна комуникација со владата со цел уставни измени.
Тој бара од Мицкоски да одговори на неколку прашања, но и да приложи докази за тоа дека Груевски игра валкана игра со актуелната власт во Македонија.
„Во врска со изјавата на Христијан Мицкоски за германскиот медиум ФАЦ, а поврзано со мене, го повикувам јавно да одговори на следните две прашања: Прво, дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум. И второ, доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата. Се надевам дека одговорот ќе е јасен, недвосмислен, директен и личен исто како и изјавата, без префрлање на изјави на преставници на партијата, портпароли, давање брифинзи на портали или други медиуми со кои има блиска соработка“, напиша Груевски на Фејсбук.