Груевски тврди дека не барал амнестија од никого и го повика Пендаровски да ги каже посредниците

„Од никого не сум побарал да бара амнестија за мене кај актуелниот претседател на Македонија Пендаровски. Го повикувам претседателот на републиката кој даде изјава дека некои лица разговарале со него за моја амнестија, да соопшти јавно кој му барал амнестија за мене, пишува на Фејсбук поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство во Унгарија.

„Ако тоа се случи, и ако тоа воопшто било така, потоа споменатите лица би ги замолил јавно да кажат и покажат дали е тоа точно и доколку е точно дали јас сум побарал од нив да бараат амнестија за мене кај Пендаровски“, одговори Груевски на изјавите на Пендаровски.

Пендаровски во интервјуто за „Трилинг“, изјави дека во неформални разговори некој се консултирал со него за можно помилување на Груевски пред 7-8 месеци. По реакцијата, кабинетот на претседателот појасни дека лицето, или лицата за кои станува збор се од опозицијата. Во моментов нема достапни информации за идентитетот на лицата.

Advertisements

„Тие предлози преку посредници до претседателот Пендаровски беа упатени од политички и безбедносни структури кои се блиски до актуелната опозиција, но и до поранешните политичари“, рекоа од Кабинетот на претседателот.

Поранешниот премиер реагира и на некои изјави во врска со измените во Кривичниот законик.

„Да допрецизиран за ефектот од измените на Кривичниот законик врз мене, бидејќи има многу шпекулации дека бил правен заради мене. Всушност токму во мојот случај имаат само минорно влијание, спротивно на тоа што го форсираат како теза многу политичари јавно или задскриени зад некој медиуми. Од многу монтирани предмети против мене, ова ќе има ефект во само еден предмет, во смисла на негова целосна елиминација. Тоа е предметот ТНТ, кој во нормална држава немаше да се случи, туку сопственикот на дивоградбата докажана со 30 судски одлуки ќе одеше во затвор“, вели Груевски.

Во предметот „Траекторија”, додава Груевски, политичкиот прогон е по друга квалификација, идентична како во предметот Тенк, а тоа е „влијание заради остварување корист”, а користа, како што вели, што сакал да ја добие е  побрзо да се заврши автопатот за да се  отвори пред избори и со тоа партијата да добие поголема подршка од граѓаните, па тоа обвинителството го квалификува како корист.

„Независно колку сето ова е глупаво, дури ни таа имагинарна корист не е остварена бидејќи имавме предвремени избори а патот уште се гради и уште којзнае до кога ќе се гради. Но, тој член предвидува казна до три години, и таму застареноста на гонењето е уште во 2019 година. Во уште еден или два предмети каде се води политички прогон против мене со по две или три квалификации, можеби оваа измена на КЗ ќе има само делумен ефект, односно ќе се намали само по една квалификација, но бидејќи има и други квалификации, тие предмети ќе продолжат да се судат и ќе има пресуда, која ако политичкиот прогон не се елиминира, во услови на вака политички контролирано правосудство колку и да нема доказ против мене и моите поранешни соработници, колку и да е се апсурдно, сосема е извесно како ќе заврши“, реагира Груевски на Фејсбук.