Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, е меѓу трите нови осомничени лица во проширената истрага за предметот „Адитив“, потврдија од Обвинителството.
Како што се наведува, во рамките на истрагата за овој случај, се донесени нови наредби за спроведување истрага против уште три лица.
Димитровска е осомничена дека му давала тајни информации за отворени предмети во Комисијата на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ кој е обвинет во случајот Адитив. Таа неколкупати на Вибер му испраќала податоци и за дуги опфатени во предметот, во текот на минатата година. Инаку поранешниот директор Стојановиќ е и сопственик на фирма опфатена во обвинителниот акт. Димитровска му оддавала информации и за имотната состојба.
-Како службено лице, претседател на ДКСК од месец мај до месец декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот Адитив на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици за постапката ,ОЈОГОКК ги соопшти деталите за пријавата против првата антикорупционерка.
Н
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани, по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а беше проширена на 3 февруари со уште осум лица. Меѓу опфатените во предметот се и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, како и неговиот претходник на функцијата, Васко Ковачевски, кој се наоѓа надвор од државата и по кого е распишана меѓународна потерница.