„Ќерка ми Јана почина зашто лекарите ѝ дадоа гликоза после што ѝ се крена шеќерот на 19“, вели за „Слободен печат“ Стојче Христовски, од селото Кравари, татко на девојчето што почина во битолската болница вчера, на возраст од 6 години.
„Температура немаше кога ја однесовме во болница, туку само претходниот ден па и дадовме сируп, и падна температурата. Ноќта си спиеше. Наредниот ден, матичниот лекар бил втора смена па ја однесовме сабајлето во болница. Сабајлето пред болница, рече дека ја болат ножињата и поврати шлајм на градите. Ми се јави сопругата, не нашла матична па да ја носиме во болница. Си влезе Јана во кола со одење, влеговме во болница. Отидовме во амбуланта на детско одделение. Шеќерот и го мереа и беше 9 иако нема дијабетес. Рекоа дека од што повратила, шеќерот и се качил на 9. Во меѓувреме и дадоа гликоза. И рековме на докторката дека шеќерот и е 9, таа рече „нема гајле“. Па и дадоа една инфузија чиста гликоза и тоа го гледаше сопругата која беше во иста соба со чупето“, раскажува Христовски за „Слободен печат“ и бара одговорност од лекарите.