И водата ќе поскапи – што велат пресметките на скопски „Водовод“?

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ бара од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги да им одобри да ги зголемат цените за водоснабдување.

Одговорните во скопски „Водовод“ пресметале дека кубук вода за пиење треба да чини 38,57 денари, а во 2023 година да биде 38,81 денар за кубен метар.

„Водовод“ бара да се промени и цената на услугата за собирање и одведување на урбани отпадни води.

Advertisements

Ова барање до Регулаторна било испратено на 14 ноември годинава.

„До РКЕ се доставени извештаи за трошоците на претпријатието, кои се зголемени имајќи го предвид зголемувањето на цените на сите ресурси кои ги користи претпријатието. Во овој момент цената на водните услуги и покрај зголемувањето на трошоците како резултат на енергетската криза е непроменета“, се вели во  соопштение  од претпријатието.

Инаку, со последната одлука на РКЕ, на „Водовод“ му била утврдена просечна тарифа за водоснабдување за 2022 година во износ од 23,24 денари за метар, додека за 2023 година во износ од 23,14 денари за кубен метар.

Овде не станува збор за цени по кои граѓаните ги плаќаат за услугите на ЈП „Водовод и канализација“, туку се тарифи кои им ги одобрува РКЕ согласно пријавените трошоци.

На веб страницата на јавното претпријатие каде е објавен ценовникот за услугите на компанијата, се гледа дека граѓаните односно домаќинствата водната услуга снабдување со вода за пиење ја плаќаат по цена од 18,50 денари. За разлика од нив, за останатите корисници цената достигнува 49,50 денари.