(ВИДЕО) „Идната Влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе донесе закон за забрана на увоз на тутун“ – Александар Николоски, носител на „четворката“

Денес сум тука со кандидати и идни пратеници во ова македонско Собрание, од овие две општини, општината Конче и Радовиш, сме во посета на капитални инфраструктурни проекти. Работата на градоначалникот покажува дека и во малите средини во Македонија може да се работи успешно и убаво доколку се има волја и доколку се работи чесно, изјави Александар Николоски, носител на четвртата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ.

„Градоначалникот прави работи кои што овдека со децении не биле правени. Би сакал да му честитам за таа работа.

Можам да кажам дека после изборите ќе има огромна поддршка за општина Конче со цел да се реализираат проектите кои што се од витално значење за сите оние кои што живеат овдека.

Advertisements

Тука е секако и поддршката на земјоделието каде што можеби и најбитната работа поврзана со земјоделието е тутунот кој што се одгледува најмногу во општина Конче.

Планираме да го донесеме законот за тутун кој што два пати го поднесувавме во Собранието, но досегашното мнозинство на СДСМ и ДУИ го блокираше. А, причината зошто го блокираше е затоа што имаа бизнис интереси.

Имено, со тој закон ќе се забрани увоз на тутун во Македонија со цел да целокупниот македонски тутун, македонското злато да се откупува по повисоки и пристојни цени, како би можеле сите земјоделци пристојно да живеат. Така што тоа е она наше основно ветување односно тутунот.

Секако тука се и зголемувањата на субвенциите, воведување на само три класи, а не како досега што има шест или седум класи зависно од откупувачите.

Во делот на земјоделието планираме возобновување на сите водоснабдителни системи како и изградба на нови и комплетно нов систем на субвенции кој што ќе го врати достоинството на македонскиот земјоделец. А, тука ќе работиме интензивно и на она што е желба на жителите и на Конче и на општина Радовиш а тоа е носење на една поголема странска инвестиција која што треба да отвори нови и добро платени работни места за жителите на целиот овој крај.

Ќе ми дозволите да искоментирам уште неколку работи, имено, ние во изминатиов период водевме интензивна кампања за претседателските избори а сега почнуваме и кампања за парламентарните избори, мислам дека е основно граѓаните да ја слушнат пораката дека масовна излезност е начинот на кој што ќе може да се спречи оваа влада на СДСМ и на ДУИ, двете политички партии да одат во опозиција и конечно да се удри во чело на криминалот и корупцијата во Македонија, да се воведе функционален систем на владеење на правото и Македонија економски да се развива“, вели Николоски.