Вработените во Управата за јавни приходи ќе стапат во генерален штрајк ако не добијат зголемување на платите за 30 отсто до 27 јуни, најави Васе Неденовски, претседател на синдикатот.
Неработењето во УЈП ќе значи колапс на целиот систем, а истовремено корекција на платите бараат и вработените во Царина кои пак најавија блокада на граничните премини.
Синдикалната организација „Солидарност“ при Управата за јавни приходи од 15 јуни секојдневно во знак на протест ја прекинува работата во периодот од 10 до 12 часот.
Дополнително, поради прекршувања на законските одредби во колективниот договор и во УЈП и во Царина, државата по основ на тужби ќе треба да плати од шест до 10 илјади евра по вработен, изјавија претставници на синдиклните организации во Топ тема на Телма.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера пак побара директорите Стефан Богоев и Сања Лукаревска да спроведат проверка на имотната состојба на нивните вработени.
Овој предлог го критикуваше професорката Мирјана Најчевска:
„Наместо да се стават во затвор мафијашите од ДУИ, ќе ја отпуштат Перса дактилографката“.
Ковачевски предлогот за проверка на имотот на вработените во овие институции го правда со скринингот во Брисел.
„Јас би ги поттикнал и директорот на Царина и директорот на УЈП да изнајдат модел за проверка на имотната состојба на нивните вработени. Сметам дека и тоа треба да биде дел од процесот за усогласување на платите бидејќи сите зборуваме за одговорност, перформанси. Ова е поттикнато од скринингот во Брисел, кој даде интересни податоци во делот на ефикасноста на Царината“, рече Ковачевски.
Професорката Најчевска, овој предлог го нарече „политичка перверзија“.
„Наместо да се проверува имотот на функционерите, ќе го проверуваат имотот на администрацијата. Наместо да се стават во затвор мафијашите од ДУИ, ќе ја отпуштат Перса дактилографката. Наместо да одговараат сите оние кои ги злоупотребија законите за лична корист (за што постојат јасни и гласни ревизорски извештаи) ќе дигаат прашина и ќе плашат ситна боранија. Која политичка перверзија. Како што реков, потребна ни е технократска влада за да се врати сета оваа гамад под камењата од под кои исползе пред 30 години“, реагира Најчевска.

