Засега нема известување преку Системот за брзо известување за небезбедена храна и храна за животни – (RASSF) на ЕУ дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни супи, информира Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за МИА.
АХВ, како што наведува, ја следи состојбата со повлекувањето супи во Германија и доколку добие известување преку овој систем, навремено ќе преземе мерки за евентуално повлекување на производи.
-До овој момент Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известување преку Системот за брзо известување за небезбедена храна и храна за животни – (RASSF) на ЕУ дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни супи, нагласува АХВ.
Maggi објави дека повлекува од пазарот во Германија одредени серии од производот „Maggi 5-минутна терина од брокули“ (Maggi „5 Minuten Terrine“ Broccoli-Nudeltopf), бидејќи постои ризик дека во пакувањата може да има метални делови.
Металните делови претставуваат сериозен ризик од повреди на устата, хранопроводот или гастроинтестиналниот тракт, поради што потрошувачите не смеат да го консумираат овој производ.