Нема прогрес во владеењето на правото, нема ниту во борбата со корупцијата, се злоупотребува европското знаменце – ова се само дел од забелешките на евроамбасадорот Дејвид Гир кој заедно со вицепремиерот Бојан Маричиќ го презентираше извештајот на Европската комисија за Македонија.
Извештајот е искрен и правичен и доаѓа во контекст кога има значајна динамика во однос на проширувањето, смета Гир.
„Се искажува загриженост во врска со политичката поларизација, особено во гласањето на реформите. Процесот за проширување во ЕУ бара консензус за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна, некогаш и непотребна употреба на ЕУ знаменцето. Има злоупотреба на знаменцето за Кривичниот законик и за законите за коридорите 8 и 10д.
Во владеењето на правото не е забележан прогрес. Се забележува недостиг на доверба кон судиите, но и разрешувањето на екс претседателката на судскиот совет. Повикуваме да се усвојат препораките, а потсетуваме и на препораките од претходните години кои не беа имплементирани“, рече евроамбасадорот Гир.
Според евроамбасадорот и во борбата со корупција, не е забележан напредок.
„Забележуваме случаи на корупција на високо ниво кои се зголемуваат. Тоа резултира со застарување на делата, што предизвикува голема загриженост. Извештајот ја пофали работата на ДКСК и ДЗР, но повикува препораките да се следат од страна на двете. Има ограничен напредок кај државната администрација. Условите во затворите се уште се лоши, особено во Идризово. Извештајот повикува посебни напори да се вложат во промовирање на недискриминација. Извештајот изразува и сериозна загриженост во врска со антиродовите кампањи“, рече Гир.
Тој додаде дека менувањето на Уставот и односите со Бугарија се исклучиво во рацете на Македонија.
„Сите јасно разбираме дека проширувањето е во наш, заеднички интерес. Сакаме Македонија да ја искористи оваа динамика. Извештајот доаѓа со можности. Сакаме Македонија да ја искористи оваа можност. Извештајот е на 120 страници и е многу сеопфатен. Севкупно, извештајот во врска со политичките критериуми, ја поддржува државата да продолжи“, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир.