Јован Деспотовски, поранешен директор осомничен за злоупотреби во ТИРЗ, останува без пасош

 Јавното обвинителство бара да се одземе пасошот и да се воведе обврска за повремено јавување во судот како мерки на претпазливост за поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, за кого се води истрага за злоупотреба на службената положба.

Од обвинителството соопштија дека се води истрага за злоупотреба на службената положба против едно лице поради основано сомневање за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување, според член 353 од Кривичниот законик.

„Надлежниот јавен обвинител достави предлог до Основниот кривичен суд Скопје за одземање на патната исправа и обврска за повремено јавување во Судот како мерки на претпазливост. Во тек се активности од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Двете институции ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, стои во соопштението од ОЈО.

Претходно некои медиуми објавија дека Деспотовски бил приведен како дел од истрагата, но тој демантираше, истакнувајќи дека е достапен за институциите и за медиумите.

Деспотовски се терети за злоупотреба на два милиони денари во ТИРЗ во Штип и Струмица.

Тој во меѓувреме демантира дека бил приведен, како што беше објавено попладнево.

„Во врска со информациите кои се појавија во јавноста за наводно приведување сакам да ја информирам јавноста дека сите наводи за такво дејствие се неточни.

Објавената информација од дел од медиумите ја сметам за намерно или ненамерно дезинформирање на јавноста. Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед.

Мојата достапност и за институциите и за медиумите досега е потврдена во пракса и ќе остане така и во иднина. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, вели Деспотовски.

Преходно, „Фокус“ објави дека Деспотовски бил приведен од финансиската полиција поради злоупотреби во ТИРЗ и дека ќе се бараат мерки за претпазливост за него.