Како да поминеме поевтино кога треба да се прават две свадби – ќе ги послуша ли власта повиците за двојни избори?

Проценките врз основа на претходните македонски избори се дека во 2024 година би чинеле од 8 до 10 милиони евра по изборен циклус и токму овој податок поттикна дебата во јавноста дека во услови на економска криза поисплатливо е претседателските и парламентарните избори да се одржат во исто време како што претходно предложи и најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Но, дали само изборните математики натежнуваат на вагата за двојни избори? Можно ли е да пропаднат претседателските ако власта не ги послуша предлозите на опозициската партија кои ги поддржаа и другите партии освен владејачките.

Како што објавивме претходно пратеникот Антонио Милошоски во интервју за порталот Лидер денеска наведе неколку причини кои одат во прилог на тоа дека треба заедно да се одржат и претседателските и парламентарните избори.

Advertisements

„Економски исплатливо е да не се трошат два пати по 10 милиони евра, да се заштеди на буџет кога имате незадоволни пензионери и немате учебници во образованието. Второ, да не влезе државата во уставна криза. Минатите претседателски, цензусот на излезеност беше 46% проценти. Според последниот попис имаме 9,6% помалку резидентно население од претходниот попис и тоа за 2021 зборувам, во 2024 година бројката веројатно ќе биде уште помала заради овој феномен на миграција и поврзан со феноменот на намален наталитет во изминатите 20 години. Затоа, само претседателски избори значи ризик, незадоволство кај народот кој што дел од гласачите би го искажале и со не излегување на избори, дел од нив се и реално отсутни и не можат да гласаат и можеме дa се доведеме во ситуација, навистина, да имаме не избран претседател”, образложи Милошоски.

Поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, во изјава за Радио Слободна Европа вели дека од технички аспект, двојни избори во ист ден потешко се реализираат, полесно би било да бидат одвоени, но од друга страна пак избори едни по други за краток рок би чинеле и повеќе пари.

„Далеку поевтино е кога се споени. Според моето искуство едно 50 отсто ќе бидат помали трошоците ако изборите се одржат заедно. Во ситуација сме кога треба да се прават две свадби, што е поевтино една свадба или две свадби?“, вели тој и додава дека сепак надлежните треба да одлучат дали може изборите да се одржат во ист ден, без да се крши Уставот“, вели Новаковски за РСЕ.

Според Трајко Вељаноски, поранешниот собраниски претседател со двојни избори на 8 мај земјата ќе избегне и политичка криза.

„Kога веќе сите се помирија со фактот дека претседателските и парламентарните избори ќе бидат во редовниот термин, сметам дека не треба да се прави од готово вересија и уште веднаш да се избере 8 мај 2024 година како најпогоден термин. Тоа е најдобрата можност да се намали ризикот од неуспешни претседателски избори, што би било вовед во политичка криза“, вели Вељаноски за Плусинфо.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска наместо да го прецизира ставот за одржување двојни избори одржа лекција дека тие мора да бидат законски како некој да сугерира изборите да бидат спротивно на таквите заложби.

„Изборите се распишуваат согласно Закон и согласно Устав и согласно мандатот на избраните функционери, тука пред се мислам на претседателот на државата и на пратениците и нормално во рамките на законските рокови може да се разговара за финеси, во однос на тајмингот. Се друго е одржување на средби, коишто се вон формат, каде што сите треба да го дадат својот збор и своето мислење, мислам дека е вонинституционално“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека низ разговори се решавало прашањето околу датумот за претседателските и парламентарни избори во 2024 година, а не како што било во минатото претседател на влада од Аеродром да го кажува датумот на изборите, иако досега јавноста не доби одговор кој е всушност ставот на премиерот за предлогот изборите да се одржат заедно за да не се прават непотребни трошоци, но и да се избегне политичка криза во случај да пропаднат претседателските избори.

„Во Министерството за правда веќе постои работна група, каде сите политички партии имаат делегирано свои претставници. Така како што е според Закон и процедура. Единствено ВМРО-ДПМНЕ нема делигирано свој претставник. Така да јас ги поттикнувам да делегираат свој претставник, бидејќи не може една или две партии да одлучуваат во процес во којшто учесствуваа 30 и повеќе политички партии, вели Ковачевски.

Со порака до власта да не се однесува како „разгалено дете“ во однос на изборниот процес денеска излегоа и претседателите на Алтернатива, Беса и Демократско движење, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити по одржаната кафе средба во Старата Скопска Чаршија.

„Власта е делегитимирана. Колку побргу се отрезнат, толку подобро за државата. Секое понатамошно инаетење ќе создаде потенцијал за уставна криза, која на среден рок ќе предизвика многу штетни последици. ДУИ и СДСМ мора да сфатат дека не се повеќе во позиција да диктираат што ќе се случува“, порача Касами по средбата.