Советот на Град Скопје не даде согласност за годишните планови за вработување за 2024 година на неколку јавни установи на Град Скопје, а најскандалозно беше барањето на директорот на скопската Универзалана сала Горјан Христовски.
Тој барал вработени да се унапредат и да земаат поголема плата, а салата не работи седум години. На денешната седница на Советот на Град Скопје како точка на дневен ред беше планот за вработување во Универзална сала за 2024 година.
„Во делот на унапредување и распределување има наведено унапредување на вработен од домаќин во тон мајстор, унапредување од хаусмајстор во сценско-визуелни ефекти, унапредување од возач во сценско-визуелни ефекти и унапредување од хигиеничар во друг одговорен сценски работник. По кои критериуми е направена оваа анализа и какво искуство имаат лицата за да извршува работни обврски од сценско-визуелни и одговорен сценски работи, а унапредувањето е од многу пониска систематизација“, праша советникот во Советот на Град Скопје Гордан Шутаров од СДСМ.
Градоначалничката Данела Арсовска, како и на претходните неколку седници, не беше присутна, а одговор немаше ниту од директорот Христовски.