Моника Зајкова ја доби довербата од Либерално-демократската партија на синоќешната седница на Централниот одбор. Таа како претседателка на либералдемократите ќе ја води и ќе застапува партијата во идните делувања и во јавноста, информира ЛДП.
Според партиското известување Зајкова во Собранието ќе дејствува независно како и досега, но ќе ги поддржи решенијата кои ќе значат напредок на државата на реформскиот и евроинтегративниот пат и ќе носи добробит на граѓаните.
На седницата на Централниот одбор на ЛДП бил разгледан Извештајот за подготовките, настапот и резултатите на партијата за претседателските и за парламентарните избори 2024 година доставен од страна на Централниот изборен штаб.
Извештајот бил усвоен, а биле детектирани и укажано на слабостите кои се појавиле во текот на кампањата.
Пред седницата Зајкова ги демантираше шпекулациите дека ќе стане дел од владејачкото мнозинство.
– Ќе бидеме и гласни критичари на сите закони и политики кои се лоши за државата и ја враќаат назад, порачаа од ЛДП.
На седницата, како што информира ЛДП, ЦО го овластил генералниот секретар да организира посета на членовите во секоја општинска организација со цел изготвување на темелна анализа за натамошното дејствување и политики на партијата.