Ќе здивнат ли скопјани од блокадите – „главен виновник е Данела Арсовска, протестот ќе се пресели пред градските порти?“

Приватните превозници во Скопје најверојатно ќе ја тргнат блокадата на улиците, а протестот ќе продолжи пред Град Скопје како главен виновник за настанатата ситуација, најавија на денешната прес-конференција.

Одлуката ќе ја донесат в сабота.

Кемал Муриќ од „Слобода Превоз“ изјави дека бесот сè повеќе се насочува кон управата на Град Скопје, како најодговорна за ситуацијата, па затоа има можност протестите да продолжат само таму.

– Се стеснува кругот и на виделина излегува кој е крив за оваа ситуација и затоа е можно фокусот на протестите и блокадите да биде само пред Град Скопје“, рече Муриќ.

Приватните превозници со 200 автобуси од понеделникот ги блокираат крстосниците кај „Мавровка“, булевар „Илинденска“ и кај Црвен Крст.

Тие велат дека бараат само едно – Градот да им го исплати долгот од 1,5 милиони евра и ако сега не добијат барем дел од долгот од 1,5 милион евра нема да ја тргнат блокадата.