Кој ги плати трошоците за патувањето на децата на премиерот Ковачевски во САД?

На прашање на новинарите зошто на патувањето во САД, премиерот Димитар Ковачевски ги зел и своите деца и дали ќе ги покаже сметките за тоа како е платено нивното патување, одговори дека ниедно приватно патување на членови на неговото семејство никогаш не било на сметка на државниот буџет, јави Макфакс.

„Моите деца патуваат исто како и другите деца. И доколку е потребно, јас за секое нивно патување или кога посетуваат роднини или, на пример, мојот син, игра фудбал и често оди во странство, доколку треба да ѝ доставам на јавноста сметки, тоа ќе го правам, но сметам дека е непотребно, со оглед дека како и сите други граѓани во државата секој има право да патува“, истакна премиерот.

Тој во САД имаше работна средба со високи американски функционери.

Advertisements

„Трошоците за патувањето на моите деца не се на товар на државниот буџет“, рече премиерот одговарајќи на новинарско прашање кој ги платил трошоците за патувањето во САД на неговата сопруга и на неговите деца.

„Мојата сопруга ме придружува на патувањата за кои има покана, каков што беше случајот со посетата на САД, односно според протоколот и поканата, рече Ковачевски.