Кој го банкротира Градот Скопје се расправаат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Арсовска си гледа сеир и враќа долгови

Скопје е банкрот заради Арсовска, со ДУИ и СДС кои и ги гласаа финансиските програми, се вели во реакција на ВМРО-ДПМНЕ, откако СДСМ обвини дека ВМРО-ДПМНЕ бега од закажување седница во врска со финасиската состојба во Градот.

Градоначалничката Данела Арсовска, пак, пред некој ден во интервју за ТВ 21 изјави дека градот никогаш не бил поконсолидиран.

„ Сметката не е блокирана. Градот е ликвиден, кредитниот рејтинг е одличен, запрени се сите непродуктивни трошоци и исплатени големи долгови“, рече градоначалничката.

Advertisements

„Јанчева како советник ги гласаше финансиските програми на Арсовска, без неа и нејзините колеги од СДС кои се под нејзина команда Арсовска немаше да може да ги оствари своите намери за криминални тендери. Кога Јанчева ќе зборува за банкрот, нека се потсети дека нивниот директор на ЈСП потпиша 20 милионски тендер за набавка на гориво без рабат. Очигледно е дека соработката меѓу Арсовска, СДС и ДУИ е блиска и силна, па така се што имаат можат меѓусебно да се информираат, наместо да ја замајуваат јавноста со своите криминали. А за се ова одговорност ќе има, како од Арсовска така и од СДС, “ велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Координаторката Љубица Јанчева пак вели дека ВМРО- ДПМНЕ бегаат од закажување седница иако се исполнети сите услови за нејзино одржување во врска со актуелниот проблем.

„Финансиската состојба во Градот е алармантна, буџетската сметка е блокирана, а на Скопје за првпат во историјата му се заканува банкрот. Заради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска денес Скопје е нефункционален град со нефункционални и задолжени јавни претпријатија и установи. Јавниот превоз е во целосен колапс, ЈСП тоне во долгови, а протестите што ги гледавме пред неколку месеци можат многу брзо да се повторат. Стотици милиони евра народни пари се потрошија за една и пол година а не е реализиран ниту еден капитален проект од програмата, рече Јанчева и како единствени виновници за ваквата состојба ги посочи ВМРО-ДПМНЕ, партија која го има мнозинството во Советот и градоначалничката Арсовска, кои заедно го изгласале Буџетот за 2023 и заеднички ја правеле програмата за четиригодишниот мандат.

Според неа, ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во сите Управни одбори на претпријатијата што едвај функционираат.

„Славески мора што побрзо да закаже седница на Советот, каде Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ мора да дадат одговори како успееја да ја банкротираат најголемата и најбогата единица на локалната самоуправа“, вели координаторката на советничката група на СДСМ.

Арсовска, како што објавивме претходно, за блокадата на сметката на Градот Скопје во интервју за ТВ 21 посочи дека ги отплатиле сите долгови од претходното раководство.

„Зачудува тој спор кој се води за Скопскиот саем. Од претходното раководство знаеле дека е однапред изгубен спор, и тоа го терале со години, покрај основниот долг има 500.000 евра за камати. И за ова треба да се позанимаваат органите на прогонот. Јас сум сигурна во тоа што го правам, а оние кои излегуваат по телевизии и се обидуваат да бидат спасители, треба да излезат и да кажат како го оставиле градот. Овој спор е од претходно“, рече Арсовска.

Во јавноста, додаде градоначалничката, „во последните денови се шпекулира со еден збор банкрот. Треба да се знае што значи овој збор пред да се искаже. А, градот никогаш не бил поконсолидиран. Ги отплативме сите долгови кои беа околу 100 милиони евра“.