Алтернатива нема да биде дел од работната група за уставни измени, а причината за ваквата одлука е тоа што за нив, не може да постојат работни групи за изготвување или пак за подготовка на уставните измени се додека не се постигне консензус помеѓу политичките партии за поддршка на овие измени, кои се неопходни за продолжување на интеграцијата на земјата во Европската унија. Ова денеска го потврди генералниот секретар на партијата, Зекирија Ибрахими.
„За нас не може да има работни групи за составување или подготовка на уставните измени без да има претходно политички консензус помеѓу политичките партии за поддршка на тие измени, преку кои треба да се отвори патот за интеграција на земјата во Европската Унија“, изјави Ибрахими.
Познато е дека и ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во работните групи, а тоа денеска го потврди и лидерот Христијан Мицкоски.
Претходно и Демократски сојуз информира дека нема да учествува во работната група за промена на Уставот и смета дека пред да почне постапка зa внесување на Бугарите во Уставот, неопходно е од Бугарија да се обезбеди реципроцитет.
Тие бараат Македонците во Бугарија да бидат признаени и да можат да се организираат и здружуваат преку формирање културни центри, здруженија на граѓани, политички партии и други форми на асоцијации, заради негување и афирмација на културните, јазичните, историските и другите обележја, права кои во Македонија ги имаат сите етнички заедници, вклучително и Бугарите.
Левица исто така нема да испрати свој претставник во Министерството за правда.
„Партијата Левица одлучно и со индигнација ја одбива поканата за учество во т.н. работните групи за најавената повторна насилна промена на Уставот! Ултиматумот на бугарските служби и агендата на Софиската платформа која ја поткрепува пробугарската власт на ДУИ и СДС, не ја прифаќаме и истата мора да биде остро одбиена од сите релевантни политички чинители на кои државните интереси им се од највисок приоритет, порача партијата чиј претседател е Димитар Апасиев.