Жената која денеска влезе во дуел со премиерот Димитар Ковачевски додека тој пазареше во еден од скопските маркети, се совпаѓа со ликот на корисничка на Фејсбук со име Ацка Станишева, пишува 360 степени.
„Името Ацка Станишева се споменува и во решението на Општина Карпош од февруари 2013 година во кое е објавен составот на избирачки одбори за локалните избори кои се одржаа во март таа година.Станишева била избрана за членка на избрачки одбор како претставник на ВМРО-ДПМНЕ на избирачкото место со број 2647“, пишува порталот 360 степени.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска посети маркет за да покаже дека се почитуваат одлуките за замрзнувањето на цените на одредени производи, но пензионерка му се пожали дека ограничувањата на цените се толку мали што не се ни забележувале, дека поради ниските примања граѓаните немаат пари за лекови и за основните трошоци.
„Цениве се до плафон. Со поевтинување два денари кај макароните и денар кај јајцата кои беа 99 денари – тоа не е мерка. Тоа ли е поевтинување? Многу тежок дојде животот. Не можеме ниту лекарства да купиме“, му рече пензионерката која пазареше во исто време додека во маркетот беше и премиерот Ковачевски.