Командирот што пукаше на семејна веселба е во притвор, Спасовски најави најстроги казни

Не само што ќе извршиме контроли, туку секој кој го прекршува законот ќе одговара кривично, изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговорајќи на прашањето дали ќе се извршат поголеми контроли на полициски службеници кои користат оружје во приватни цели, како што беше случајот со командирот на полициското одделение Ропотово.

Спасовски појасни дека командирот кој пукал на семејна веселба се наоѓа во притвор и покренати се дисциплински постапки.

-Постапувањето за овој случај ви дава јасен одговор. Не само што ќе извршиме контроли, туку секој еден кој го прекршува законот ќе одговара кривично. Тој што нелегално користел оружје, кој што злоупотребува законски овластувања се наоѓа во притвор. Покренати се дисциплински постапки во овој дел и секако дека најстрого ќе се казнува. Исто како што имавме случај пред некое време на упатена закана од полициски службеник кон наставник, истиот тој полициски службеник е суспендиран, рече Спасовски по означувањето на почетокот на превентивната кампања на МВР „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот” во СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито”, во одговор на прашање.

Advertisements

Тој потврди дека на ист начин ќе се постапува кон секој оној кој што се однесува надвор од своите овластувања.

-Затоа постои Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди, затоа формиравме посебно одделение кај народниот правобранител, a се создаде и посебно одделение во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои што постапуваат во однос на злоупотребата на полициските службеници, не само во МВР, туку и полициски службеници во судската полиција и во затворската полиција, кои што не се под МВР, додаде Спасовски.

Тој упати порака дека не смее да има никаква селективност во примена на законот по кој било основ, без разлика дали станува збор за национална, верска, политичка припадност, припадност на одредени институции итн

-Секој кој ќе го прекрши законот ќе мора да сноси одговорност, затоа што никој во оваа држава не може да биде посилен од државата, рече Спасовски.