По 6 години откако беше притворен и затворен, по настаните во Собранието на 27 април, Јане Ченто за првпат користи слободен викенд од затворот. Правото на викенд го искористи и Вилијам Михајловски кој исто така е осуден на казна затвор за овој случај, објави порталот „Котлина.мк“.
Дејан Проданоски, претседател на ОК ВМРО – ДПМНЕ Прилеп на фејсбук објави фотографии од средбата со Јане и даде поддршка на барањето за слобода на уставобранителите, на која се приклучија и други граѓани. Меѓу барањата за конечна слобода имаше и предлози Јане да биде кандидат за градоначалник на Прилеп, на следните локални избори.
Врховниот суд ги одби како неосновани барањата за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје од 2019 година и на пресудата на Апелациониот суд Скопје 2021 година за предметот „27 април“.
Ова значи дека осудените, меѓу кои е и Јане Ченто остануваат во затвор на доиздржување на досудената казна.
Првично, Основниот кривичен суд Скопје го осуди Јане Ченто на 15 години казна затвор но скопскиот Апелациски суд му ја намали казната на 13 години затвор. Заедно со уште 14 други, Ченто е осуден за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Минатата година после 4,5 години во затвор слободен викнед доби Игор Југ кој исто така е осуден за тероризам и треба да одлежи 11 години затвор.