Корумпираните судии и обвинители да понесат одговорност – Демократски сојуз бара ревизија во судството

Демократскиот сојуз кој подолго време инсистира на темелни реформи на судскиот систем предлага да се направи ревизија над работата на секој судија и на членовите на Судскиот совет: професионалниот однос спрема работата, коруптивноста, поврзаноста со политичките партии, имотната состојба и други елементи да бидат клучни за извршување на функцијата.

Потоа ДС предлага Собранието по сеопфатна расправа да донесе заклучоци членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, во спротивно да донесе законски измени со кои на сите членови на Судскиот совет ќе им престане мандатот и да спроведе постапка за избор на нови членови врз основа на цврсти критериуми и транспарентна постапка.

Трето, да се направат измени на Уставот со кој ќе се брише амандманот за судијата да не одговара кривично за донесена одлука.

Advertisements

Четврто, да се донесе Предлог -Законот за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка, со што ќе се создадат законски услови за обнова на монтираните политички – судски процеси.

„Преку повторување на постапката ќе се види улогата на секој судија, обвинител, припадник на МВР и моќниците од политичкиот врв. Тоа ќе биде сериозна основа за поширока кадровска обнова. Корумпирани судии и обвинители, како и без интегритет, подложни на влијанија од партиите или други центри на моќ, треба да понесат одговорност“, порачаа од ДС.

Демократскиот соуз предлага Министерството за правда, во најкус рок, да подготви законски решенија за реформи во правосудниот систем во целина.