Кошта до Мицкоски: Уставните измени се услов за почнување на преговорите со ЕУ

Претседателот на Европскиот совет испрати јасна порака дека усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија.

Во своето обраќање, Кошта најпрво го поздрави напредокот во спроведувањето на реформската агенда, особено во делот на владеењето на правото и реформата на јавната администрација, како и целосното усогласување на државата со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.

„Особено би сакал да го истакнам неодамнешниот опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда, кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација, што е значајно за пристапниот пат на Северна Македонија, но и за искористување на Планот за раст и пристапувањето“, порача Кошта.

Тој нагласи дека Европската Унија останува најважен партнер на Македонија и на Западен Балкан, но посочи дека следниот чекор кон членството зависи од исполнувањето на веќе преземените обврски.

„Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствениот начин за формално започнување на пристапните преговори. Тоа е единствениот начин за отклучување на целосните придобивки од членството во Европската Унија за граѓаните на Северна Македонија“.