Собраниската седница за уставни измени го потврди тоа што опозицијата го тврдеше подолго време дека нема да има уставни измени под бугарски диктат. Наспроти ветувањата на власта дека ќе обезбеди двотретинско мнозинство, а некои високи функционери тврдеа дека имаат дури и повеќе од потребната поддршка од 80 пратеници, се покажа дека недостигаат не пет или шест пратеници, туку 10 кои не кренаа два прста за да може да почне првата фаза од измените на Уставот за внесување на Бугарите во Преамбулата.
Внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија за полноправно членство.
ВМРО-ДПМНЕ по завршување на седницата соопштија дека Ковачевски треба да се извини затоа што лажел дека има мнозинство и дека ВМРО-ДПМНЕ прифатило уставни измени.
За потребата од носење на уставните измени гласаа 70 пратеници, а 47 беа против, а за да се усвојат измените неопходно е да гласаат минимум 80 пратеници. Со оглед на тоа што немаше двотретинско мнозинство, спикерот Талат Џафери го одложи гласањето за кое пратениците дополнително ќе бидат известени, иако опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку нејзиниот координатор Никола Мицевски побара да се гласа уште денеска.
Освен пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на денешната седница не гласаше и пратеникот од СДСМ Диме Велковски, кој, не ни дошол на седницата. Овој пратеник е познат по тоа што тој не гласаше ниту за заклучоците за „францускиот предлог“. Во врска со отсуството на Велковски, Ковачевски рече дека еден пратеник бил на боледување.
За потребата од носење на уставните измени не гласал и претседателот на Партијата на пензионери Илија Николовски, а за ова премиерот објасни дека во моментот кога се гласало неговото копче не работело.
Неизвесно е кога спикерот Џафери ќе свика продолжување на седницата. Премиерот Димитар Ковачевски најави дека власта ќе направи се да ја тргна блокадата на патот на европските интеграции на државата, но нејасно е како ќе го направи тоа, кога и после речиси една година власта не успеаја да обезбеди поддршка. Премиерот по завршување на седницата најави разговори на сите нивоа, изразувајќи надеж дека сепак на крајот ќе победи опцијата која посакува државата да биде членка на ЕУ.
„Проевропската коалиција нема да подлегне на неодговорното и недржавничко однесување и ќе направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата. Нашата иднина е интеграција, а не изолација, порача попладнево премиерот Димитар Ковачевски.
Со оглед на досега искажаните ставови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а поготово по денешното образложение што го даде професорката Гордана Силјановска Дафкова дека не смее патот на Македонија до ЕУ да води преку Софија, попуста ќе му биде битката на премиерот до посакуваната бројка од 80 пратеници.
„Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, меѓутоа членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет во меѓународните договори. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците. Значи мора да ги има!“, нагласи пратеничката.
Таа рече дека таа има забелешка на сите три амандмани.
„Лаички е пристапот. Дури и насловот е погрешен. Образложението е катастрофа. Не може именик да правиме од Преамбулата! Важна е суштината. Ама најважни се Копенхагеншките критериуми да ги примениме. Не смее патот за Брисел да води преку Софија“, укажа Силјановска Давкова.
Таа истакна дека пратениците како претставници на граѓаните ќе гласаат по сопствено убедување и нема да ги поддржат уставните измени.
Јасно е дека власта нема да успее во наредниов период да предомисли некој пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, а тешко ќе и оди и со оние пратеници кои се дел од Коалицијата, како што е пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ. Тој е категоричен – според него, има потреба од промена на власта, а не од Уставот.
Оттаму нејасно кого ќе убедува власта. Песимист по ова прашање е и пратеникот Скендер Реџепи кој денеска рече дека најдобриот пат за сите граѓани е тоа што треба да се отворат нови хоризонти кои водат кон Европската Унија и да се затворат етничките прашања.
Халил Снопче од „Алијанса за Албанците“ смета дека зачленувањето во Европската Унија претставува најголема сигурност за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.
Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ рече дека булеварот „11 Октомври“ кој поминува покрај Собранието е најголем показател дека граѓаните се за европска иднина.
Фадил Зендели од БЕСА, кој побара бришење на одредницата „20 проценти“, која, според нив, ја ограничува употребата на албанскиот јазик, смета дека единственото решение е што побрзо да се оди на предвремени парламентарни избори, за, како што рече, да им се даде нова можност на граѓаните да се изјаснат околу овие процеси.