Ковачевски: Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени веднаш да одиме на избори

Зарем треба за доброто на граѓаните да се убедуваме? Не гледам зошто би имало потреба за убедување, секоја политичка партија треба да покаже одговорност пред граѓаните и државата, изјави премиерот Димитар Ковачевски кој повика на национален, општествен консензус за постигнување на стратешката цел, членство во Европската унија.

Тој во интервју за државната агенција МИА, во пресрет на собраниската седница за потребата од уставните измени закажана за 18 овој месец ги повика пратениците да ја остварат најважната цел за државата и да обезбедат европска иднина.

„Одговорноста е пред сите општествени чинители, пред сите сериозни парламентарни партии, пред сите пратеници“, порача Ковачевски.

Advertisements

Но како ќе ја убеди опозицијата која е потребна за двотретинско мнозинство кога таа е децидна дека нема да гласа за уставни измени и бара предвремени избори.

„Ако опозицијата изгласа уставни измени ние сме подготвени уште утредента да одиме на избори и тоа е јасно. Пратениците сега имаа многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. Пратениците сега имаат би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата и на граѓаните кои им го дале мандатот.“, изјави Ковачевски.

На ставовите од опозицијата дека ова е штетен договор Ковачевски вели дека нема да има подобар договор или друга Преговарачка рамка. Доколку ја пропуштиме оваа шанса за која имаме силна поддршка од Европската унија и САД ќе изгубиме нови 15 години, а нашата земја и младите немаат децении за губење.

Во однос на најавите од можни нови блокади на патот кон ЕУ од страна на Бугарија, Ковачевски смета дека нема простор за загриженост и дека тоа е теза која на наметнува опозицијата за да манипулира.

„Нема простор за загриженост иако ги разбирам стравувањата, особено после одредени чекори и провокации кои беа на штета на односите меѓу двете земји. Но, со европски политики и одговорност од двете страни може да се стигне и до европски односи. Нема простор да размислуваме во насока дека влегува во вртлог на нови барања. Барањата понатаму ќе се реформи. Процес во кој ние се трансформираме и повторно ќе носиме сериозни и тешки одлуки кои ќе обезбедат подобар живот за граѓаните“, рече Ковачевски.

Како реакција на интервјуто на Ковачевски, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека консензус за уставни измени не е можен, туку само консензус за избори.

„Тоа што е суштинско и што недостасува во ламентирањето на Ковачевски во интервјуто е зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има моќност и ќе ја искористи таа можност да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Седницата за првата фаза на уставните измени односно за гласањето на потребата од промени на Уставот е закажана за 18 август откако претходно на Комисијата за уставни прашања поминаа заклучоците за потребата од измени на која ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.