Не сум задоволен од работата на директорот на Управата за извршување санкции при Министерството за правда и веќе почнав процес на селекција на нов директор, изјави премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на прашање за корупција во затворите, а во врска бегството на затвореникот Беким Мемети.
Тој најави дека промената на директорската функција нема да се случи на утрешната седница на Владата, тука на некоја од наредните.
Во однос на директорот на затворот „Идризово“, Ковачевски посочи дека тој е назначен пред неколку месеци, а претходниот бил сменет врз основа на консултации што ги имал со меѓународни институции во областа за управување затворски систем и на институции кои финансираат унапредување на затворски систем.
„Врз основа на тие консултации и разговори што ги имав тогаш направивме промена на директорот на затворот „Идризово“. Сега, врз основа на неколкуте пропусти што се направени, ќе имаме нов директор на Управата за извршување санкции“, рече Ковачевски.
Марјан Спасовски беше именуван за директор на Управата за извршување санкции во ноември 2020 година, а претходно беше директор на затворот „Куманово“.