Ковачевски не обезбеди пари за лекот на Благојче, може ли да си го продолжи мандатот? – министерот Сали остро му одговори на премиерот

Не можам да премолчам, ни како човек, ни како министер, кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени, реагира попладнево министерот за здравство, Беким Сали.

Неговата реакција доаѓа откако премиерот Димитар Ковачевски како одговор на новинарски прашања денеска рече дека рано утрово разговарал со министерот и му рекол дека за него е неприфатлива ситуацијата со пациентите со цистична фиброза, особено со смртта на Благојче Илиевски и побарал од министерот да каже дали може да го продолжи својот мандат.

Еве што одговори министерот Сали на изјавата на Ковачевски, откако изрази  најдлабоко сочувство до блиските на починатиот Благојче Илиевски.

Advertisements

„Навистина сум потресен што се случи ваква трагедија, и ниту едно објаснување или изјава од политичар нема да го врати тој живот. Не можам да премолчам, ни како човек, ни како министер, кога врз грбот на една ваква трагедија се прави евтин обид за политички поени, вели министерот на Фејсбук и наведува неколку факти за немилиот настан.

„Факт е дека Министерството за здравство уште на 27.01 од Владата побара да се обезбедат средства за нова набавка на терапија за пациентите со цистична фиброза. (2) Факт е дека и покрај барањето на МЗ, ниту Владата на РСМ, ниту премиерот Ковачевски лично, до вчера, не одлучија да се обезбедат тие средства. (3) Факт е дека лек во доволни количини нема заради недонесувањето на таа одлука, а не заради МЗ.

Оттаму, не ми е јасен обидот за префрлање на вината кон МЗ, кога ниту обезбедувањето средства, ниту набавката на лекот не се во наша надлежност. Средствата се обезбедуваат од Фондот за здравствено осигурување, а набавката ја спроведува соодветната клиника. Но, дури ни тие не можат да постапат без одлука на Владата или без налог на премиерот. Затоа, мислам дека е неодговорно да се префрли одговорноста, вели министерот Сали.

Кога би сакале да се натпреваруваме со политички изјави, јас исто така би можел да одговорам со прашање, додава министерот за здравство:

„Дали некој, кој, и покрај барањето на МЗ, не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот. Би можеле да прашуваме и дали можеби премногу време и внимание се потроши на коалициски преговори, додека пациентите чекаа. Сепак, сметам дека ваквите популистички изјави се неумесни во ваква прилика. Јас знам дека политиката е сурова професија, но ние сепак имаме обврска да го задржиме достоинството и човечноста. Сепак, сите ние сме потенцијални пациенти на јавното здравство, и мора да имаме чувство за маките на нашите сограѓани, без разлика на ограничените ресурси“, вели министерот Сали.