Нема да се дозволи провокациите кои што доаѓаат од трети страни да наштетат на европската агенда на државата и на билатералните односи со Република Бугарија, порачал премиерот Димитар Ковачевски на средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава, Дејвид Гир.
Како што информираат од владината прес служба, на состанокот е разговарано за актуелни прашања од значење за државата, регионот и пошироко, во европски контекст.
Заеднички е констатирано дека 2023 година е значајна за Македонија во однос на напредокот по европскиот пат, поради што е неопходна и кохезија околу реализацијата на оваа државна стратешка цел.
„Оценето е дека геополитичката ситуација ја покажа потребата од јасна политичка ориентација на целиот Западен Балкан, каде што географски и припаѓа регионот. Дека за ова постои свесност и во Европската Унија и после 17 години од кандидатскиот статус и јулското отворање на преговорите лани, ова е момент што Република Северна Македонија годинава не треба да го пропушти“, се вели во владиното соопштение.
Премиерот Ковачевски нагласил дека Владата работи на справувањето со предизвиците од економско-енергетската криза, на потребните реформи и со европски начин на однесување во добрососедските односи.
На средбата станало збори и за досегашната реализација на билатералниот скрининг со ЕУ.