Ковачевски: Одлуката на Судот во Стразбур е победа на правдата

Премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за одлуката на Европскиот суд за човекови права кој ја прогласи за недопуштена жалбата во предметот „Талески и другите против Северна Македонија“ истакна дека ова е огромна победа и огромен успех на државата.

„Прво, ова е огромна победа и огромен успех на нашата држава. Македонскиот тим навистина даде се од себе и извојува победа во исклучително комплексен случај. Би сакал да изразам огромна благодарност за нивната посветена работа во текот на изминатиот период. Со одлуката на Судот во Стразбур која во случајов е во корист на државата, жалбите на апликантите во целост се прогласени за недозволени вклучително и во делот за наводните помилувања“, изјави Ковачевски.

Ковачевски истакна дека аргументите на Владата во однос на недозволеноста на апликациите се целосно уважени од страна на Судот во Стразбур.

Advertisements

„Особено е важно да се исткане дека спротивно на тврдењата на апликантите, Судот не утврди прекршување на Европската Конвенција за заштита на човековите права. Ова е победа и на државата и на правдата и на правосудниот систем. Со одлуката, Судот смета дека жалбите на апликантите се недозволени во принцип поради неискористување на домашните правни лекови“, рече Ковачевски.