Ковачевски: Понудив влада на обединување, ВМРО-ДПМНЕ се соочи со реалноста – не е против уставните измени

На состанокот се направи јасна дистинкција, дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана. Сметам дека е добро дијалогот кој се води да продолжи, а да изградиме став дека за државата е најважно да ја интегрираме во ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски по средбата со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

„Моја лична цел и заложба е овој процес на евроинтеграции да биде успешен. Ги имаме стратешките цели на државата предвид. Ова е стратешка цел на нашите земји партнери, како во ЕУ и НАТО така и на нашиот најголем стратешки партнер САД. Уставните измени, вклучување на други делови од народи во Преамбулата се чекор напред на овој европски пат. На таков начин, со таков глас станавме и земја членка на НАТО. Сите сме горди и ги чувствуваме бенефитите“, рече Ковачевски.

Ковачевски вели дека ставот на Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ од пред нивното партиско седиште е променет и различен од тоа што тој го слушнал на средбата и дека опозицијата се соочила со реалноста дека уставни измени мора да има.

Advertisements

„ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од средбата која ја имавме денеска. Вакви одлуки се на сите политички партии, целото општество, а ова не е процес на еден човек, една партија, една Влада“, рече Ковачевски.

Премиерот објасни и што му предложил на Мицкоски за да се изгласаат уставните измени:

„Дадов предлог до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, доколку се сложат, заеднички да пристапиме кон остварување на оваа цел и заедно да ги гласаме уставните измени. Ако заедно ги изгласаме уставните измени – отворањето, подготвување на амандмани, затворањето, тогаш предложив, веднаш по последното гласање, може да одиме на избори. Тоа е став од претходните месеци кој го имам кажано. Меѓутоа во текот на изминатиот период слушајќи ги изјавите од политичките субјекти, сфатив дека за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е важно да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од партиски интерес, дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив да го изгласаме отворањето на Уставот со 2/3 и веднаш, утре дента, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Влада при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници од ВМРО-ДПМНЕ. Така ќе обезбедиме Влада која ќе обединува“, рече Ковачевски.