„Што значи членството во НАТО за граѓаните и за Северна Македонија, доволно е само да посочам на податокот дека странските директни инвестиции лани се во висина од 753,8 милиони евра, или двојно повеќе во однос на 2016 година. Република Северна Македонија не е повеќе земја на евтина работна сила“, порача премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на настан во чест на 3-годишнината од приемот на Македонија во НАТО, организиран од Министерството за надворешни работи.
Тој истакна дека во технолошко-индустриските развојни зони изминативе неколку години се отворени над 10.000 добро платени работни места, со просечни плати над платите во јавниот сектор.
“Денес, Северна Македонија ја градиме во Зелен енергетски центар во Европа, со тоа што само лани во земјава се изградени нови електроцентрали, со капацитет над 152 мегавати за производство на струја од обновливи извори на енергија, а до крајот на оваа 2023 година, во македонскиот енергетски систем очекуваме да бидат инсталирани околу 300 мегавати од фотонапонски електрани, преку инвестиции од земјите партнери, САД и Европа и со помош на мултилатералните финансиски институции и билатерални кредитори“, рече Ковачевски.
Ковачевски посочи дека Северна Македонија е на линија на заедничката и надворешна безбедносна политика на Европската Унија, во поглед на ситуацијата во Украина.
„Сѐ има своја цена, велат – но се обидуваме, како Влада, со низата мерки што ги донесовме и ги носиме и со поддршката од ЕУ да го штитиме стандардот на граѓаните – затоа што сѐ има своја цена – освен мирот. Мирот нема цена! Северна Македонија, како земја – членка на НАТО активно придонесува кон колективната безбедност на Алијансата. Тоа го покажавме и со долгогодишното учество во мисиите предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите Нации. Армискиот полигон „Криволак“ е место за развој на интероперабилноста и од страна на сојузниците во НАТО“, рече Ковачевски.
Тој истакна дека буџетот за одбраната е во постојан раст, во однос на 2022 година, зголемен е за 24,45 проценти.
„И остануваме на нашиот план согласно којшто буџетот за одбраната ќе изнесува 2 процента од бруто домашниот производ до 2024 година. Ги почитуваме вредностите на земјите членки на НАТО – демократијата, слободата, владеењето на правото, почитувањето на јавната дебата, во што изминативе неколку години имаме значителен пробив. Трасираме пат за сегашните и следните генерации“, рече Ковачевски.
Според него, членството во НАТО се има покажано како вистинска одлука во вистински момент.
„Ги осигуравме безбедноста и перспективите како успешен, стратешки, патриотски чекор во вистинско време и денешното време е најдобра потврда за тоа. На истиот брод сме сите и мора солидарно и обединето да дејствуваме во одбраната и унапредувањето на мирот и просперитетот во светот“, порача Ковачевски.