Миликије Халими е предложена и избрана за директорка на јавното претпријатие за аеродромски услуги врз основа на универзитетска диплома што ја приложила, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски по прашање на новинарите.
„Таа е избрана од страна на надзорниот одбор и врз основа на критериуми што ги има јавното претпријатие за аеродромски услуги, кое, сепак, е едно мало претпријатие и врз основа на универзитетската диплома што ја има таму поднесено. Таа е предлог на Владата врз основа на универзитетската диплома што ја има и која ја имаат и други функционери“, рече премиерот Ковачевски по свеченоста по повод Националниот ден на осигурувањето.
Како што објавивме претходно, Халими откако и заврши градоначалничкиот мандат со средно медицинско училиште, конкурираше и беше избрана за инспекторка во Царинската управа, а во саботата јавно на социјалните мрежи му се заблагодари на СДСМ за довербата да раководи со ЈП „Аеродроми“.