Ковачевски: ВМРО-ДПМНЕ шири хистерија и лаги, невистина е тоа што го кажува Николоски за Договорот со „Бехтел и Енка“

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека е лага и ширење невистини тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во врска со Договорот за коридорите 8 и 10 д со конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Според премиерот, ВМРО-ДПМНЕ повторно потврди дека единствено знае да шири хистерија и лаги и да го блокира Собранието. Тоа го правеше, нагласи, со сите битни законски решенија и со сите големи инфраструктурни проекти.

„Тоа што го кажува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ е една обична лага и ширење невистини, како што прават неговите колеги и неговиот претседател кој цел ден само се заканува и ништо не работи. Договорот со „Бехтел и Енка“ е јавно потпишан врз основа на посебен Закон, одобрен во Собранието од сите пратеници. Ги има поминато сите законски процедури за склучување. Договорот во над 400 страници ги дефинира условите за изградба на автопатот. Има и измени на неколку закони за обезбедување услови за забрзување на постапката за изградба на овие две големи делници. Намерата е да се изгради модерен автопат за пет години, со сума соодветна за таков проект. Пратениците имаат можност да ги одобрат тие одредби според процедурите. Сите други одредби во законот се согласно специјалниот закон што е донесен“, рече Ковачевски.

Advertisements

Ковачевски уште еднаш ги повика владите на САД и на Турција да кажат дали во изминатите две години, откако се подготвува овој проект, некој од нашата држава од нив или од нивни компании, побарал нешто.